На Меѓународниот ден за елиминација на насилството против жените, со официјален настан во паркот „Жена борец“, денес од 19ч., ќе се означи почеток на годинешната кампања со слоган „#НемаОправдување – заедно против насилство врз жени и девојчиња“. Со настанот започнуваат и останатите активности што ќе се реализираат во текот на глобалната кампања 16 дена активизам против родово-базирано насилство, што ќе трае до Меѓународниот ден на човекови права, 10 декември 2019 г.

Во светски рамки, една од три жени е жртва на насилство. Насилството врз жените и девојчињата постои во најразлични форми, во кои влегуваат различните психички и физички акти на насилство што се случуваат секој ден. Цел на кампањата е да поттикне дискусија, споделување и активно вклучување во борбата против насилството врз жените и девојчињата. Замислена е да ја рефлектира темата „Обојте го светот во портокалово: Генерацијата Еднаквост зазема став против силувањето“, а како носечки симбол на овој настан е целосното „портокалово“ осветлување на паркот „Жена борец“. Портокаловата боја е избрана како симбол за посветла иднина без насилство врз жените и таа боја е основа за целата кампања која ќе трае 16 дена.

На настанот ќе присуствуваат бројни високи владини претставници, како и претставници на Мисиите на ОН, Европската Унија и ОБСЕ во Северна Македонија, кои ќе се обратат на присутните истакнувајќи ја важноста од проактивно вклучување на сите институции и воопшто генералната јавност во борбата против различните форми на насилство врз жени и девојчиња.

Планираните активности за 16те дена активизам вклучуваат кампања на социјалните медиуми, со објавување различни содржини и едукативни пораки против насилство од различни луѓе, од различни сфери на животот како нивен знак на поддршка и организирање низа активности, како и дебати и работилници низ целата држава.

Следете го хаштагот #НемаОправдување и приклучете се кон единствената цел – општество без насилство врз жени и девојчиња.