3 домашни рецепти за беспрекорна кожа, густа коса и нежни раце- Есенско разубавување со тиква, од глава до пети
Тиквата се смета за златен подарок на есента. Покрај тоа што во популарната култура е симбол за Ноќта на вештерките, таа е и неверојатно вкусна и здрава за јадење, а притоа и моќен сојузник за убавината.
Токму денес ви откриваме како да ја употребите чудесната тиква за нега на вашата коса, лицето и телото, преку следните 3 едноставни, но ефикасни домашни рецепти.
1. Тонизирачка маска за лице, од тиква, за сите типови на кожа
Изрендајте ја тиквата и исцедете го сокот од истата. Потопете памучен туфер во добиениот сок и со триење, добро нанесете го на вашето лице или пак, изрендата тиква нанесете ја на кожата и оставете ја да отстои 15-20 минути, а потоа измијте со ладна вода. Практикувајте го овој домашен третман 2-3 пати неделно. За целосен ефект, потребно е маската да биде направена 15-20 пати.
2. Маска за коса од тиква
Земете пресни семки од тиква, добро измијте ги, излупете ги и сомелете ги, до добивање на каша. Добиената смеса додадете ја во стаклен сад и додадете изладена, претходно сварена вода, во сооднос 1:10. Добро измешајте ги состојките, до добивање на соединета смеса со мазна текстура, а потоа покријте го садот.
Пред да ја измиете вашата коса, со триење, нанесете ја маската од тиква на скалпот и по целата должина на косата и завиткајте со крпа. По 20-30 минути, измијте ја вашата коса со соодветен шампон и исплакнете со раствор од 1 кафена лажица оцет или лимонска киселина, растворена во вода.
3. Крема за раце од тиква
Изрендајте ја тиквата и измешајте ја со масло од праска, во сооднос 1:1 (додадете 1 кафена лажица масло од праска во 1 кафена лажица изрендана свежа тиква). Нанесете ја добиената смеса на вашите раце и облечете одозгора гумени ракавици, притоа оставете ја смесата да делува 1 час. По третманот, кожата на рацете станува неверојатно мека и нежна.