Еве како да си направите вкусно, домашно крем-сирење
Крем-сирењето е вкусно, корисно и лесно се приготвува. Ова сирење има уникатна свежа и сочна текстура и е одлично за секојдневно консумирање. Со овој рецепт ќе си го приготвите крем-сирењето во удобноста на Вашиот дом, без конзерванси и прашоци, сосема природно и лесно.
Состојки:
– 3 литри свежо пресно млеко (најдобро да е домашно)
– 3 супени лажици јогурт;
– 3 лажички сол;
– 15 капки сириште (маја)
Начин на приготвување:
Варете го свежото млеко, посолено со солта и оставете го да се излади. Кога температурата ќе падне до 37-38 степени, додадете го сириштето во јогуртот и промешајте убаво. Потоа додадете го киселото кон свежото млеко и повторно добро промешајте. Оставете го да отстои 5-6 часа. Истурете ја смесата во тензух, парче газа или памучна ткаенина и оставете да се исцеди. Добра метода е да го ставите парчето газа во тава со дупки а врз газата да ставите нешто потешко за да се исцеди убаво. За изработка на домашно крем сирење, можете да користите кравјо, овчо или козјо млеко, како и мешавина од некои од горенаведените.