Што би се случило кога антибиотиците би престанале да делуваат?
Антибиотиците претставуваат едно од најголемите откритија на човештвото. Порано луѓето можеле многу лесно да умрат од најобична исеченица или настинка. Стапката на смртност била многу поголема, а особено биле ранливи децата.
Без антибиотиците би морале да се потпреме исклучиво на имунитетскиот систем во борбите против инфекциите, а нашиот имунитетски систем не секогаш е силен и не може да се избори со сѐ. Насекаде околу нас има опасни микроорганизми. Потсетете се на тоа колку пати во животот сте пиеле антибиотици. Е секоја од тие прилики за вас можела да биде фатална.
Успехот на антибиотиците, кои биле откриени сосема случајно, навистина бил впечатлив. Но денес на видикот се јавува нов проблем, со кој науката сѐ уште не знае како да се носи. Станува збор за создавањето на отпорност на микроорганизмот кон антибиотиците. Порано антибиотиците можеа да го убијат секој штетен микороорганизам, но во средината на дваесеттиот век научниците почнаа да забележуваат дека некои патогени организми успеваат да преживеат. По преживувањето тие микроорганизми стекнуваат отпорснот, по што се јавува потреба да се употреби посилен лек за да се елиминираат.
Со текот на времето бројот на микроорганизмите отпорни на антибиотици се зголемува, а бројот на антибиотици кои дејствуваат се намалува. Поради тоа научниците се грижат дека еден ден сите антибиотици ќе престанат да дејствуваат, и дека човештвото ќе се врати два века наназад, кога човекот можел да умре од најмала исеченица. Уште сега постојат извештаи за супер бактерии коишто се отпорни на скоро сите познати видови на антибиотици.
Главните виновници за ова не се само антибиотиците кои се употребуваат за лечење на луѓето и нивната несоодветна употреба, туку и антибиотиците коишто се користат во ветерината. Во САД се открило дека од сите потрошени антибиотици, деведесет отсто се употребуваат на фармите за лечење и превенција на заболување на животните. Фармерите и компаниите за производство на храна често ги злоупотребуваат антибиотиците не сакајќи да ризикуваат можен губиток на профит, па им даваат антибиотици дури и на здравите животни. Таквите податоци се исклучително загрижувачки.
Што би се случило кога антибиотиците би престанале да делуваат?
Пред сѐ, секоја хируршка интервенција би претставувала исклучително ризична интервенција по здравјето и животот. Луѓето би почнале да умираат од обична забоболка или од воспаление на увото. Секое породување би претставувало ризик. Некогаш секоја петта жена умирала при породување како последица на инфекција. Каснување од инсект додека се наоѓате во природа би бил фатален. Многу од болестите кои денес ги лекуваме без проблем, воопшто не би можеле да се лекуваат.
Не само што не би можеле да се лекуваме себеси, туку не би можеле да ги лекуваме и животните. Со тоа би се намалиле нашите извори на храна. Антибиотиците не се употребуваат само за кравите, овците и свињите, туку и за рибите и морската храна. Трошоците за храна значително би пораснале. Потоа, антибиотици се употребуваат и во земјоделството, на пример кај овошјето, така што и тука би се јавиле проблеми.