Дали се работи за резултат на изместен глужд, алергиска реакција на полен, или инфициран трн, сите го знаеме тоа чувство на жештина, оток и неудобност кое го носи воспалението. Но, додека ова можеби на прв поглед се чини како нешто сосема тривијално, воспалението не се сведува само на површинат на кожата. Сѐ повеќе понезабележливата форма на оваа реакција во внатрешноста на телото се препознава како срцевина на повеќето, ако не и на сите вообичаени хронични заболувања.

Од дијабетес до артериосклероза, очни заболувања, па дури и деменција, воспалението можеби е тивкиот убиец кој ги поврзува сите нив. Иако показателите за важноста на хроничното воспаление се присутни веќе подолго време, научниците почнале да ги сфаќаат сериозно едвај пред нешто од петнаесет години.

„Дури и болестите коишто традиционално ги сметавме за дегенеративни, како деменцијата, излегува дека имаат голема воспалувачка компонента.“ вели проф. Пол Морган, имунолог при Универзитетот на Кардиф.

Добрата вест во врска со сево ова е што ова би можело да поттикне сосема нов пристап на лекување на овие заболувања со употреба на антивоспалителни лекарства. И уште подобро, повеќето од овие лекарства веќе постојат, и можеби веќе ги имате дома.

Во нормални околности, воспалението е исклучително ефективен начин за чистење на инфекцијата и побрзото оздравување, природна реакција на телото.

„Воспалението се вклучува од имунититескиот систем кога ќе се забележи проблем, било тоа да е поради инфекција или оштетување на тивото“, вели Грахам Рук, почесен професор по медицинска микробиологија при Лондонскиот универзитетски колеџ. „Тоа има три задачи: да ја убие инфекцијата, да го расчисти нередот и да помогне да се поправи штетата.“

Телото го иницира воспалението преку лачењето хемикалии кои ги упатуваат белите крвни клетки до проблематичното место и ги прошируваат крвните садови за да им овозможат на овие клетки да се инфилтрираат во оштетеното ткиво. Тоа е тоа што го причинува отекувањето и црвенилото кое се поврзува со воспалението. Имунитетските клетки потоа испуштаат хемикалии со кои ги убиваат бактериите или вирусите кои го нападнале телото.

Општо земено, воспалението е нешто добро. Веројатно во минатото луѓето способни за силен воспалителен одговор на инфекцијата имале еволутивна предност, бидејќи тоа значело и поголеми изгледи да преживеат доволно долго за да стигнат да остават потомство. Проблемот настанува кога воспалението нема да се исклучи и кога ќе стане хронично и ќе се рашири.

Ако воспалението остане активно, тогаш ризикот од „пријателски оган“ на друго место во телото ги надминува придобивките.

Истражувањата сугерираат дека овој вид на хронично, нискостепено воспаление – еден вид на тлеечки оган во нашите клетки и ткива – се јавува почесто во развиените западни цивилизации отколку кај потрадиционалните општества.

Вообичаено не сте свесни дека имате такво воспаление, иако докторите можат да го измерат степенот на воспаление со помош на мерењето на нивото во крвта на супстанца наречена С-реактивен протеин.

Причината за овие хронични воспаленија е причина за дебата. Проф. Рук се сомнева дека тоа се должи на промената на односот со нашите „стари пријатели“ – бактерии и паразити со кои мирно сме живееле во поголемиот дел од човечката историја. Сега кога живееме многу почисти животи, нашиот имунитетски систем веќе не ги прима истите информации како во првите две или три години од животот, па така иницира воспалителни процеси и при најмало стимулирање. Истата теорија се поставува и во врска со порастот на алергии и автоимуни болести: телото претерано реагира и на најмали закани. Но, можеби има и друго објаснување, како порастот на луѓе со прекумерна тежина.

Масните клетки ослободуваат некои од истите воспалителни супстанци кои се произведуваат во одговор на инфекција или повреда, и луѓето со поголема телесна маса имаат повисоки нивоа на воспалителни маркери.

Сега се претпоставува дека воспалителните хемикалии кои ги ослободуваат масните клетки прават ткивата да се помалку чувствителни на нивото на инсулин, што резултира со повисоко ниво на шеќер во крвта, а тоа уште повеќе го зголемува воспалението. Се повеќе расте согласноста дека воспалението на друго место на телото може да го погоди мозокот и да предизвика умствени нарушувања како деменција, па дури и шизофренија. Дури и пред сто години, докторите препознале дека сериозните инфекции можат да предизвикаат делириум. Треската исто така може да направи луѓето да се чувствуваат летаргични и депресивни. Долго време ваквите набљудувања биле сметани за мистерија, бидејќи се сметало дека мозокот е физички изолиран од имунитетскиот систем преку крвно-мозочната бариера.

Сега е утврдено дека тоа не е сосема точно. Всушност, воспалителните хемикалии можат да навлезат и во мозокот, и кога ќе се најдат таму, ги активираат мозочните имунитетски клетки, кои како резултат на тоа лачат уште повеќе воспалителни супстанци.

„Ова доведува до зголемени нивоа на токсични молекули во мозокот, додека нивото на другите хемикалии како серотонинот, одговорен за регулирање на расположението, се намалува.“, вели Голам Кандакер, психијатар на универзитетот Кембриџ. „На ова се должат промените во расположението како депресијата.“

Некои советуваат секојдневна употреба на лекарства како аспирин, но други велат дека тоа не е препорачливо, бидејќи тоа може да предизвика и странични ефекти како слабеење на имунитетскиот систем, па дури и крварење во стомакот и други стомачни заболувања.

Д-р Кандакер сугерира подобро да се сосредоточиме на нашата исхрана. Храната богата со шеќер го засилува воспалението, додека масната риба, овошјето и зеленчукот го намалуваат. Покрај тоа, редовната физичка активност е исто така важна, и сето ова заедно значително допринесува во намалувањето од здравствените ризици поврзани со воспалителните процеси.