Зошто и како индустријата за производство на шеќер ги поткупила престижните харвардски истражувачи?
Шеќерната индустрија поткупила престижни научници од Харвард да објават научна статија во која велат дека мастите – а не шеќерот – се тие кои причинуваат срцеви заболувања, открива новообјавен документ.
Во тоа време во 1960-тите години не било потребно да се докажува непостоење на конфликт на интереси. Како последица на тоа, индустријалците можеле да работат заедно со истражувачите и да го преосмислуваат и препишуваат научниот труд сѐ додека тој не стане задоволителен. Овој резултат со години го обликувал јавното мнение во поглед на исхраната.
Ова откритие, објавено денес, предизвикало вистински шок и бранувања во научната јавност. „Мислев дека досега сум видела сѐ, но ова ме кутна“, вели Мерион Несл од Њујоршкиот универзитет, автор на уводната статија за овие нови откритија. „Тоа било толку бесрамно. А поткупот бил огромен. Да се финансираат истражувања е етички во секој поглед. Но, да се поткупуваат истражувачи да фалсификуваат доказ за нешто воопшто не е етично.“
Извртеното истражување се појавило во издание од 1967 година во Медицинскиот журнал на Нова Англија. Во статијата се посочуваме маснотиите и холестеролот како главни виновници за срцевите заболувања, премолчувајќи ги резултатите на научните истражувања од 1950-тите кои покажувале дека и шеќерот е причинител на срцеви заболувања.