Црните пасти со активен јаглен станаа хит во светот, па и кај нас, а еве што навистина мислат заболекарите за нив
Активниот јаглен сè почесто го среќаваме на козметичкиот пазар, а неговата популарност од ден на ден станува сè поголема. Илјадници корисници ширум светот зборуваат за неговата апсорбирачка моќ, но еве што всушност мислат заболекарите.
На популарните страни за онлајн шопинг како Амазон, статистиките покажуваат дека црната паста со активен јаглен е број 1 најбаран производ, а истиот стана доста популарен и меѓу македонските потрошувачи
Активниот јаглен е всушност шуплеста и зрнеста маса која се добива при согорување на одредени органски елементи под воздушен притисок, како дрво или меласа и благодарение на неговата структура со сунѓереста текстура, активниот јаглен има апсорбирачка моќ.
Од медицински аспект, активниот јаглен помага при нерегуларности во дигестивниот систем, додека во козметиката помага при отстранување на несакани наслаги и нечистотии.
За американскиот сајт Јаху, еден поранешен скептик за црната паста вели: “Всушност е неверојатна. Навистина чувствувам разлика на моите заби од претходно. Тежок пушач сум и ова за мене е животна можност да променам нешто.”
Што навистина мислат заболекарите за нив?
Брајан Кантор, реномиран заболекар од Њујорк вели дека би им ја препорачал црната паста со активен јаглен на луѓето кои сакаат да ги отстранат површинските дамки и флеки што настануваат на забите со текот на времето, како резултат на храната. Но, истовремено Кантор истакнува дека за црната паста да биде безбедна за користење, истата мора да содржи флуорид, кој е неопходен за спречување на оштетување на забите.
“Активниот јаглен, односно црната паста може да ја користите ако сакате за нијанса забите да ви бидат побели и да отстраните некои мали флеки, но најпрво мора да бидете сигурни дали пастата содржи флуорид”– вели Кантор
Останатите заболекари се согласуваат со него, потенцирајќи дека сепак црната паста е слична како материјалите со абразивно својство и затоа мора да бидете свесни и за потенцијалните несакани ефекти врз вашите непца и површината на забите.
Досегашните корисници на пастата даваат само позитивни оценки за истата, велејќи дека сега слободно уживаат во шоља кафе, а кога сакаат да си ги избелат забите, не мора да се малтретираат со ленти или пак ласерски процеси, туку едноставно ја користат црната паста.
Кај нас, црна паста со активен јаглен може да се најде во маркетите на ДМ, каде покрај паста, може да најдете и маска за лице со активен јаглен, четка за заби, гел за туширање и активен јаглен како таков, во чиста форма.