5 тинејџери кои го променија светот на подобро
Новата генерација на млади активисти докажа дека многу тинејџери всушност се длабоко загрижени за глобалните социјални, политички и еколошки проблеми и целосно се подготовени да превземат нешто!
А еве кои 5 млади интелектуалци веќе ја превземаа работата во свои раце и оставија силен печат врз светот, во нивните тинејџерски години:
1. Грета Тунберг
Родена во 2003-та, шведската активистка е водечки глас во борбата против климатските промени.
Еден ден донела одлука дека нема да се врати на училиште, сè до парламентарните избори во Шведска. Започнала мирно да протестира пред Парламентот, бидејќи тамошните власти сериозно не ги сфаќале климатските промени.
Набрзо го привлече вниманието на цел свет, а денес поради нејзиното залагање да се крене свеста за овој глобален проблем, Грета е номинирана е за Нобелова награда за мир.
Што ја прави нејзината приказна уште поневеројатна, е тоа што Грета има аутизам.
2. Малала Јусафзаи
Кога имала само 11 години, Малала напишала анонимен дневник, опишувајќи го нејзиниот живот во Пакистан, под талибанскиот закон, по што набрзо привлече огромно внимание. Веднаш потоа, храбрата девојка започна сè почесто јавно да одржува говори, зборувајќи за важноста на девојките да имаат пристап и право на образование.
Но, 3 години подоцна, за време на нејзиниот активизам, Малала беше застрелана во глава. Обидот за убиство сепак не ја спречи младата интелектуалка во својата работа и во 2014-та година таа стана најмладата добитничка на Нобелова награда, а воедно ја красеше насловната страна на светско познатото списание, Тајм.
3. Ема Гонзалес
Во Февруари, 2018-та година, вооружан човек упадна во средното училиште Марџори Стоунмен Даглас, во Флорида и уби 17 луѓе.
Една од преживеаните беше Ема Гонзалес, која наместо да ја порази овој немил настан, покрена кампања со цел да престане вооруженото насилство, кое во САД е особено чест и огромен проблем.
Со само 18 години, Ема формира група за контрола врз оружејето, а во една пригода, одржа моќен говор кој беше пропратен со 4-минутен молк, онолку време колку што му требало да вооружениот напаѓач да ги убие нејзините соученици.
Со нејзината кампања, Ема придонесе да се смени законот за купување оружје во Флорида.
4. Џек Андрака
На само 15-годишна возраст, американскиот средношколец, Џек Андрака измисли нов, евтин начин да се детектира рак на панкреасот.
Тинејџерот, кој доби парична награда од 67.000 евра на Меѓународниот саем за наука, откри идејата за неговиот генијален изум се родила читајќи бесплатни научни трудови кои ги пронашол на Интернет.
Неговиот изум се состои од тест кој се заснова на лента од филтер хартија покриена со раствор од јаглеродни нанобити и специјално анти-тело, при што за овој тест од пациентите се потребни само 6 капки крв, за да се утврди дали постои рак на панкреасот.
Иако не ја крие возбудата, Андрака предупредува дека идејата сè уште се тестира.
5. Амика Џорџ
Откако прочитала дека една хуманитарна организација се занимава со обезбедување на производи за менструација, на девојчињата во Африка, бидејќи истите не можеле да си ги дозволат, Аника добила идеја на свој начин да се бори со сиромаштијата во В.Британија.
Ја основала кампањата #БесплатнаМенструација, кога имала 17-години и заедно со уште 2000 поддржувачи, облечени во црвено, протестирала пред Владата.
Разбудени од овој притисок, британските власти најавија во Март, оваа година, дека ќе донираат и обезбедат бесплатни санитарни производи во сите британски училишта и факултети.