Ароматичното растение кое ни доаѓа од Медитеранот, го има во секој дом и притоа е омилен зачин за додавање во вкусните јадења. Но, дали знаете дека ориганото е и моќна лековита билка?

Карактеристики

Ориганото потекнува од родот мајорана, а се карактеризира со маслинесто зелена боја и виолетови цветови. Неговите листови имаат благ вкус, но истовремено горка нота, а притоа се доста ароматични.

Името на ориганото доаѓа од грчкиот збор „оригана“, а преведено значи „планинска радост“.

Ориганото спаѓа во едногодишните растенија, а бидејќи е вистинска медитеранска билка, на ова растение му одговара само умерено топла и пријатна клима, додека спротивната, студена клима му влијае штетно.

Растението се разграничува на повеќе од 40 видови, во неговиот состав влегуваат многубројни минерали: Магнезиум, цинк, калиум, витамините А, Б2 и Ц, железо и бор, а ја содржи и лековитата состојка карвакрол.

Ориганото е истоврмено силен антиоксидант, при што дури за 42 пати повеќе е посилен од јаболкото.

Лековити својства

Ориганото не само што е одличен додаток во омилените јадења, туку ова растение има бројни лековити својства, од кои може да се состави долга листа на здравствени придовивки.

Најпрво, тоа силно и ефикасно делува во борбата против салмонела, кандида, бронхитис, ги лечи синусите, а воедно е и извонреден лек против бактеријата ешерихија коли.

Заедно со лековитото својство карвакрол обединето со уште едно такво својство наречено тимол, ориганото е вистинскиот природен лек кој го спречува развивањето на бактериите во организамот.

Тоа неверојатно влијае врз самата кожа, почнувајќи од лекувањето на акните, лековитата билка ефикасно ги намалува и спречува малигните заболувања, воспалителните процеси, како и артритисот.

Ориганото ја подобрува функцијата на жолчката и црниот дроб, а покрај бактериите, го отежнува и спречува развојот на многу вируси и инфекции, истовремено и честиот проблем кај луѓето, габичките на ноктите.

Одлична природна алтернатива во ситуациите на хроничните главоболки и настинки, со кои неретко се соочуваат повеќето од нас.

Употреба на ориганото

Чај од оригано за прочистување и подобрување на дишните патишта, дигестивниот и нервен систем

Ставете да се затопли вода, а кога таа ќе зоврие, додадете сушени листови од оригано. Откако водата со листовите ќе зоврие, ставете го садот на страна, покријте го и оставете го да отстои 10 минути.

Потоа со помош на цедалка, отстранете ги листовите од ориганото и послужете го чајот додека е топол. Засладете со мед, доколку ви е потребно.

Сушеното оригано исто така може да се користи и како зачин. Односно, тоа е еден од најкористените додатоци во исхраната, а совршено се вклопува во медитерански рецепти кои вклучуваат риба и зеленчук, како и пица, а можете да го додадете и во се останато, по ваш вкус.

Во аптеките може да најдете и масло од диво оригано, кое се смета за најмоќен природен антисептик, а се користи задолжително разредено, 4 капки на ден.