Убавата кожа на лицето е идеална подлога за секоја шминка. Припадничките на понежниот пол се обидуваат да ја задржат природната убавина и мекост на лицето со помош на безброј скапи препарати и третмани. Но, тие несекогаш оставаат видливи резултати. Ви претставуваме неколку чекори како да ја постигнете идеалната свежина, боја и тен на кожата на лицето.

 

Најпрво водете сметка за здравјето на кожата на лицето

Тоа значи, редовно чистење и нанесување на креми кои и одговараат на кожата на вашето лице. Исхраната исто така има улога, затоа погрижете се да внесувате доволни витамини. Во однос на негата, потребно е да ја чистите кожата на лицето два пати дневно, наутро и навечер, како би ја прочистиле од сите бактерии и микроорганизми, кои се наталожиле во текот на ноќта и преку денот.

 

Започнете да користите маски и одвреме навреме да правите пилинг на кожата на лицето

Маските и лосионите за лице можете лесно и едноставно да ги подготвите во домашни услови. Не мора да бидат тоа скапи препарати, доволно е 1 неделно да нанесете соодветна маска, како би ја освежиле кожата на лицето и би ја потхраниле.

Кога нанесувате пудра, нанесете неколку нијанси

Пред да нанесете шминка, обидете се да ја израмните кожата на лицето и сите нејзини недостатоци. Користете повеќе различни тонови од иста боја, затоа што и самата кожа на лицето не е во една иста боја, некаде има црвенило, некаде е побледа, на очните капаци знае да биде потемна, па така и вие нанесувајте различни нијанси за да ја добиете посакуваната свежина на лицето.

Користете коректор

Коректор или средство за прекривање дамки на кожата, можете слободно да го користите доколку на некои места од лицето забележите потемни кругови или кафени дамки. Честа грешка е кога коректорот се нанесува директно под очите во неколку слоја, наместо тоа направете подлабоки линии кои ќе започнуваат од вашите јаболчници и рамномерно ќе ги нанесете во близина на очите.

Уште еден трик доколку имате несакани, нагласени дамки под очите. Нанесете еден широк слој на црвен кармин, причекајте тој да се впие во кожата и потоа отстранете го. Како кај усните, така и под очите тој ќе остави розова трага која полесно ќе ја покриете со пудра.

 

Одберете соодветни тонови за кожата на лицето

Најголема грешка е кога боите ги испробувате директно на лицето,  не водејќи сметка за тоа дали тие одговараат на вашиот врат. Многупати се случува слојот пудра на лицето да дава изглед како да немате иста боја на кожата на вратот и лицето, тоа се случува токму заради тоа што не внимавате. Обидете се да нанесете неколку нијанси на вратот, помешајте ги и ќе видите дали одговараат и дали сте ја добиле посакуваната боја.