Македонија може да се пофали со прекрасни села кои ќе го привлечат секој љубител на природата. Без разлика дали сте обожавател на селскиот туризам или не, овие прекрасни места со богата историја вреди да ги посетите барем еднаш.

Папрадиште

Ова познато село лежи на надморска височина од 950 до 1000 метри на стрмна падина на планината Мокра во областа Азот, во западниот дел на територијата на Општина Чашка. Падината е свртена кон исток, а на нејзиното подножје се наоѓа коритото на Бабуна. Жителите на ова село се служеле со вода од извори соѕидани во чешми. Папрадиште е село од збиен тип што значи дека роднинските куќи се собрани на куп  блиску една до друга. Името го има добиено поради изобилството на папрат во селото и во околината, а е прекрасно место каде што може да ги наполните батериите и да уживате во мир и тишина.

Трпејца

Под името „Трпезица“ селото се споменува во пишани историски документи од 1582 година, а самите жители сметаат дека името потекнува од зборот „трпеза“ поради трпезите коишто се поставувале за време на прославите крај некогашната тврдина. Ова село се наоѓа во крајниот јужен дел на територијата на Општина Охрид, недалеку од брегот на Охридското Езеро. Селото е ридско, на надморска височина од 710 метри и од градот Охрид е оддалечено 25 километри. Поради изворедната местположба и природни убавини Трпејца е популарна дестинација за езерски туризам.

Галичник

Селото се наоѓа на падините на планината Бистра, во пределот Мала Река, на 16 километри до Маврово и Мавровско Езеро. Се наоѓа на надморска височина од 1270 до 1500 метри и е опкружен со пасишта. Познато е по „Галичката свадба“, традиционална и јавна летна свадба, што се одржува секоја година на селската слава – Петровден. За време на свадбата, се игра „Тешкото“ оро – што го симболизира тешкиот живот на селаните.

Богомила

Селото е заградено на север со Јакупица, на запад со Даутица и на југ со планината Бабуна. Се наоѓа во северозападниот дел од Богомилско Поле и лежи на бреговите на реката Бабуна. Низ селото тече  малата река Сушица, која се влева во Бабуна. Селото е сместено на надморска височина од 510 метри. Од градот Велес е оддалечено 46 километри, а од градот Прилеп е оддалечено 48 километри. Оваа ридско – планинско место има извонредно пријатна клима и е совршено за сите оние кои сакаат да избегаат од гратскиот метеж.

 

Кое е најубавото село што вие го имате посетено?