За овој мистичен симбол на христијанството нема историски податоци, но тоа не не спречува да ја раскажеме неговата прикзна и улога во обидот за исламизација на жителите на село Бели во Кочани преку преданија раскажани од локалното население.

Всушност тука станува збор за два камена, едниот се наоѓа на ридот Побиен Камен, а другиот се наоѓал кај Гумења, но денес за жал не постои. Вториот камен по се изгледа бил колатерална штета при изградба на патот Кочани-Бели, а вториот за малку ќе го снајдеше иста судбуна откако група трагачи на злато го поткопале и турнале, најверојатно не знаејќи за неговата вредност и симболика.

Побиениот камен е висок околу 160 cm и има четвртаста форма, на страната која гледа кон селото има изгравиран крст. Донесен е од високиот дел на Осогово, каде што има карпи од ист состав и е поставен на врвот на ридот, па затоа е видлив од секоја куќа. Несомнено е дека за да се донесе до таму било вложено многу труд.

Другиот камен бил поставен на влезот на селото Гумења. Ова место играло важна улога за време на турското владеење затоа што тука жителите го плаќале данокот кон државата после секоја жетва.

Бели е старо село, а тоа се забележува и по зачуваните старински родови. Се претпоставува дека селото потекнува од средината на IX век и дека го основале Словени кои го примиле христијанството неколку декади подоцна. Во минатото, жителите на селото морале да работат во злетовските рудници, а тој период траел околу 30-40 години.

Мештаните многу зборуваат за ајдукот Черго, кој бил родум од селото во родот на Чергоски. Тој имал дружина со која во средината на XIX век ги пљачкал богатите Турци и Македонци. Во неговата дружина имало и еден муслиман од селото Калиманци, кој му кажувал на Черго кои Турци биле богати. Поради тоа, некои побогати жители морале да го напуштат селото и да се преселат во Кочани. Некој Елмаз-бег со својата чета се судрил со Черговата дружина во планинското село Лаки. Споменатиот бег во селото ја донел Черговата глава и уште шест глави на неговите другари. По тој повод, кочанските Турци приредиле голема слава.

Од историјата е познато дека исламизацијата во Македонија се одвивала во долг период и во повеќе фази. Отоманската власт исламизацијата ја започнала со давање турски прекари на сите фамилии во селото, а некои од нив се во употреба и денес. Така во Горното Маало и денеска се користат прекарите: Ахмети, Шаини, Шашкни, Даути, Дурити. Во Средното Маало: Карфути, Азмани, Фудули, Џабири, Киндили Топузи. Во Долното Маало: Пампури, Бамбари, Сунгии, Грагоњи и во Кметското Маало: Каркаши, Карпузи, Дугии, Кадрии и др.

Прифаќањето на турските прекари било начин жителите на селото да ги сочуваат своите имоти, но со воведувањето на чифлигарскиот систем, заканата од губење на се што поседуваат се зголемила. Следен чекор во изламизацијата било прифаќање на исламот, за што селаните давале огромен отпор бидејќи за нив христијанската вера било нешто свето. Тие се организирале и се бореле за да ја сочуваат својата вера и решиле на највисокиот рид да го постават симболот на христијанската вера-крстот. Со таа цел го довлекле огромниот камен од Осоково и на него изгравирале крст. Во ова време за поставување на крст на јавно место се губел животот, па така мештаните измислиле приказна дека крстот е поставен уште од римско време кога Царот Константин и Царицата Елена го посетиле Бели. Според приказната тие се натпреварувале кој подалеку ќе го фрли каменот, па така каменот на Царицата паднал кај Гумења, а каменот на Царот кај највисокиот рид во селото.

Овој камен е симбол на истрајност на македонскиот народ и е сведок на богатата историја но нашата држава. Затоа е многу битно да се зачува ова обележје и да се сподели приказната за него.