„Да даде Господ сите да се скамените, па макар и ти и јас!”: Приказната за скаменетите свадбари и гневната несудена невеста
Во регионот на Осоговието на 8 километри северозападно од Кратово се наоѓа една од најубавите природни реткости во Македонија, Куклица, исто така познато под името „Весела свадба„ или „Камена свадба“. Станува збор за уметничко дело на природата кое е старо над 50 илјади години, а настанало со вертикална ерозија на меките вулкански карпи.
Феноменот земјени пирамиди или камени кукли, во светски рамки претставува ретка појава и за нивно создавање треба посебни геолошки, геоморфолошки, климатски и вегетациски услови. Тоа особено се однесува за добро изразените појави во Куклица. Затоа ова наоѓалиште е заштитено како природна реткост.
Вистинското богатство на ова место е легендата за неговото настанување, која околните мештани ја раскажуваат со генерации.
Во селото Куклица живеел еден ѕидар, тој бил голем мајстор, а воедно и лажго и љубовџија. Еден ден тој решил да се жени и им закажал свадба на две девојки во ист ден. Девојката од Долно маало била многу богата, нејзиното семејство имало овци, говеда, афион, памук, коноп, но не била убава. Девојката од Горно маало, пак, била сиромашна, но многу убава и била заљубена во ѕидарот. Лажгото одлучил да се ожени со девојката од Долно маало.