Каков е таткото на моето дете?
“Како каков? Тој е најдобриот тато на светот! “. Сигурно е така. Но, погледнете ги различните типови татковци, тоа не е за да му ставите етикета дека е еден од нив, туку за да му помогнете да стане навистина Супертатко. Ако најдете црти од даден тип, тогаш пробајте да поработите во соодветната насока. Родителството е постојан процес на учење, нели?
Тато – под заштита
Тука главниот командант е … мама. Таа секогаш знае што е потребно и како треба да се постигне. Во овој случај во очите на детето, таткото е исто така дете, бидејќи мама постојано му кажува што треба да направи. Без “налозите” на мама тој не смее ништо да преземе. Дури и капата не ја соблекува. Ваквата положба на таткото не е соодветен пример за детето, ниту пак е добар модел за семејство.
Тато – кловн
Не може да дочека да дојде викенд за да си поигра со детето. И овие игри продолжуваат до целосна исцрпеност (претежно за таткото). Според психолозите сепак улогата на таткото не се сведува на тоа, да се претвора во кловн и да го забавува семејството. Тој треба “да расте” заедно со своите деца и навремено да реагира на нивните промени.
Тато – надвор од домот
Во оваа група се вклучуваат разведените мажи кои поретко се среќаваат со своите деца. Ако меѓу детето и таткото нема постојани општи интензивни дружења, тие постепено се дистанцираат еден од друг. Совет за разведените родители: дури и да не сте во супер односи со поранешниот партнер, мора да се разговара меѓусебно за детето.
Тато – телевизор
Овој тип татковци се враќаат од работа и веднаш седнуваат пред телевизорот или компјутерот. Таквото однесување не е добро – особено ако сакате да ја задржите почитта и достоинството во очите на детето. Бидејќи во овој случај детето чувствува дека Ви значи многу помалку отколку компјутерот или телевизорот. Таквото однесување влева пасивност кај детето и тоа ќе остави негативен траг на неговиот живот.
Тато – мазохист
Подготвен е да прифати сè што ќе му приреди детето. Според психолозите, овој тип на татковци имале тешко детство и се плашат да не ја изгубат љубовта на сопственото дете. Но сепак: треба да умее да каже: “не”. Така и детето ќе е должно да научи да ја носи својата одговорност за извршените постапки.
Тато – надалеку
Понекогаш таткото треба да поминува долго време далеку од дома. Децата тоа тешко го поднесуваат, комуникацијата со него им е потребна. Затоа, дури и да сте далеку, одржувајте ја врската по телефон со Вашите деца. А кога ќе се вратите, детално раскажете им каде сте биле и зошто мора да одите далеку од дома. Ако не зборувате со децата за своите обврски, нема да можат да пројават интерес и разбирање.
Тато – копач
Живее за да работи. Се останато, вклучувајќи и семејните проблеми, останува во втор план. Мечтае никој дома да нема никакви проблеми, ништо да не го вади од рамнотежа, за да може мирно да работи и да гради кариера. Својата љубов кон детето ја изразува со подароци на посакуваните играчки. Тоа сепак не е доволна манифестација за внимание. Советот на психолозите: погрижете се кога имате дури и малку време да го поминете во пријатни активности со детето.
Тато – пријател
Редовно оди со детето на фудбал, на кино, тој е човекот кој го учи да вози велосипед и да го лета змејот. Обично е иницијатор за сите семејни активности. Секако, детето е радосно од заедничката програма, среќно и гордо дека тато е со него. Но, понекогаш детето има потреба да биде само или во друштво на своите другарчиња. Советот на психолозите: одлично е дека со задоволство го поминувате времето со детето. Но, не заборавајте дека детето, како и возрасните, понекогаш има потреба од осамености да си поигра само со пријателите.
Супертатко
Овој тато секогаш се наоѓа на располагање на детето кога тоа има потреба. Се однесува сериозно кон воспитувањето на детето, кон неговите соништа и желби. Детето верува во него и знае дека секогаш може да смета на тато, а тоа му дава доверба и во сопствените сили. Задоволно е дека неговиот татко го гледа како голем човек, ја има неговата доверба и го сака онаков каков што е.
А каков е советот во овој случај? Браво, тато, продолжи само така!