Денес жените ширум светот го прославуваат Меѓународниот ден на жената, а начинот на кој го одбележуваат се разликува од земја до земја. Од општествени, политички и културни достигнувања, на овој ден се слават успесите на жените, но истовремено се осветлуваат прогресивните движења (и недостатокот) за правата на истите.

Овогодинешната тематика за Денот на жената е наречена “Balance for better” или баланс за подобро, односно колку е поголема рамнотежата меѓу половите, толку подобар ќе биде светот. Во минатите години, овој ден стана уште позначаен и доби малку поразлична форма благодарение на движењето #MeToo. А новата кампања ги охрабрува и поттикнува и двете страни да се стремат кон остварување на оваа цел. Целта и замислата да станат реалност за подобро утро.

Во прилог прочитајте како се слави Меѓународниот ден на жената низ светот:

Полска

Во Полска, жените на овој ден излегуваат и ги окупираат улиците, протестирајќи за правата на жените. Во 2018-та година, преку 2000 жени маршираа во Варшава, лобирајќи повторно против тамошните строги закони за абортус.

Италија

Во романтичната Италија, Денот на жената или на италијански “La Festa Della Donna” отсекогаш се славел од страна на жените (и мажите секако) со тоа што си подаруваат меѓусебно мимоза (жолто цвеќе), а се верува дека традицијата започнала уште по завршувањето на Втората Светска војна.

Филипни

Жените на Филипните минатата година носеа розеви блузи и виолетови шапки славејќи го својот празник и додавајќи си меѓусебно бели и црвени рози, но воедно и на овој начин протестирајќи против претседателот на државата кој се смета за еден од најлошите угнетувачи на правата на жените.

Јужна Кореја

Жените во оваа земја исто така својот празник го помнуваат протестирајќи и борејќи се за своите права. Од минатите години, традиционално се облекуваат во црно носејќи и мали табли на кои е испишано #МеТоо, движењето кое обелодени низ се што поминуваат жените и денес во модерно време.

Уганда

Славејќи го уште од 1984-та година, Уганда празникот на жените го прославува секоја година различно, со тоа што секоја година акцент става на разни важности. Пример во 2015-та го славеше Денот на жената фокусирајќи се на здравјето на жените, додека пак, во 2018-та ја потенцираше важноста на женските официри во полицијата и ја одликуваше нивната храброст.

 

Скоро секаде, борбата со цвеќе во рака за своите права, жените ја продолжуваат бидејќи иднината е возбудлива и спремна да ги урамнотежи вистински правата на жените со правата на мажите, бидејќи повеќе од сè, како што вели Мишел Обама, не постои ограничувања во достигнувањата на жените и затоа, среќен 8-ми Март дами!