Четири драми, тринаесет ликови и многу прашања и одговори: младиот драматург Стефан Миленков со неговата прва книга „Страв“ ги испитува границите на човештвото
Стефан Миленков е млад драматург од Скопје роден во 1997 година.
Три години од средното образование завршува во скопската гимназија СУГС „Никола Карев“, а учебната 2014 – 2015 година ја завршува во Соединетите Американски Држави како стипендист на програмата за размена на талентирани студенти.
Во 2018 година се запишува на Факултетот за драмски уметности во Скопје, на Катедрата по театарска и филмска драматургија, во класата на проф. м-р Маја Стевановиќ.
Во тој период ги пишува драмите „Објект: актер“, „Страв“ и „Потаткување“.
Миленков има низа на успеси, во 2019 го освојува првото место на меѓународниот фестивал за едноминутна драма „One-Minute Play Contest“ со драмата „Отвори врата!“
Во 2014 година му е доделена награда за најдобра машка улога во претставата „Чернодрински се враќа дома“ на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија.
Сега Миленков ги отвара вратите кон нови успеси со неговата прва збирка драми насловена „Страв“.
„Испитував човештво. Има ли човештвото граници и дали се поместуваат? Постојат ли правила и дали се прекршуваат? Што значи „фер“? Што значи „жртва“? Што е „љубов“ и каква ја има? Што е премногу љубов а што е па да ја нема ни малку? Имам ли некој или треба да бидам нечив? Од што ми е страв и зошто воопшто се плашам? Четири драми, тринаесет ликови и многу прашања и одговори!“- сподели младиот драматугр.
Неговата книга е достапна во сите продавници на книжарниците „ТРИ“ или онлајн.