Денес одбележуваме 100 години од смртта на Марко Цепенков, најзначајниот собирач на народни умотворби
Со напишани над 5500 поговорки, 150 песни, 800 приказни и уште голем број на други литературни дела и кој притоа важи за најголем собирач на народни умотворби, Марко Цепенков несомнено остави еден безвременски траг врз македонското културно богатство, а токму денес одбележуваме 100 години неговата смрт.
Познато е дека Марко Цепенков пораснал во едно сиромашно семејство, во Прилеп, но ниту тешките животни услови не беа поголеми од неговата љубов кон својата татковина и љубовта кон творењето, при што ништо не го спречи овој креативен ум да остави едно непроценливо литературно богатство на нашата држава.
Тој е роден во Прилеп, на 7 ноември 1829, а почина во Софија, на 29 декември 1920 година и целиот негов живот го посвети кон искажување на љубовта кон својот народ преку собирање на фолклорен материјал. Она што го издвојува Цепенков од останатите собирачи на народни умотворби како браќата Миладиновци, Шапкарев и Верковиќ, е тоа што Марко Цепенков самиот лично ги запишал своите фолклорни и етнолошки материјали.
Цепенков е и автор на драмското дело „Црне Војвода“, а неговата автобиографија претставува богат извор за проучување на целокупниот живот во Прилеп. В 1972 година беше објавено целокупното дело на Цепенков на македонски јазик и денес македонскиот институт за фолклор го носи неговото име.