Како врската со нашите мајки се менува со текот на времето
Како дете немаш друг избор освен да си целосно зависен од својата мајка. Потоа, кога навлегуваш во тинејџерските години, и се лутиш постојано, а кога ќе се преселиш разбираш колку е важна всушност таа за тебе. И двете знаете дека вашата врска никогаш не била и никогаш нема да биде целосно совршена, но љубовта што си имате една кон друга, останува силна низ сите подеми и падови.
Еве како односите ти со мајката се менуваат со текот на годините:
Кога си дете, мајката е целиот твој свет
Како дете, очигледно немаш многу избор, кога станува збор за односот со мајката. Буквално имаш потреба од неа за сè. Кога си дете, мајката е само совршена. Нејзиното готвење е најдобро на светот и нема ништо поутешно од мирисот на нејзиниот парфем. Во ова време од твојот живот, не знаеш на друг начин да ја погледнеш мајката, освен како свој супер херој.
Кога стануваш тинејџер, почнуваш да ја мразиш
Всушност не ја мразиш навистина, но почнуваш да ја обвинуваш за секое нешто што не е во ред со твојот живот. Таа е пречката која застанува на твојот пат кога сакаш да ги бојадисаш врвовите на косата во виолетова боја или кога инсистираат да не користиш телефонот на масата за вечера. Се уште имаш потреба од неа, но убедена си дека не е така. Дури размислуваш да избегаш од дома, за да се спасиш од домашните правила. Во деновите во кои не ја “мразиш”, имаш фрустрирачка потреба од неа. Кога со најдобрата другарка си скарана за некоја глупост, мајка ти останува единственото рамо на кое можеш да се потпреш. На крајот ќе сфатиш дека имаш потреба од неа и ја сакаш, но не би го признала тоа на никого, дури и на себе.
Дури кога ќе станеш возрасен и ќе го напуштиш својот дом, разбираш што значи таа за тебе
Без разлика дали си се преселила за да бидеш самостојна, или си заминала на факултет во друг град, тогаш навистина разбираш какво значење има мајка ти во твојот живот. Меѓусебното растојание те тера да го цениш сето она што таа го прави за тебе. Конечно ќе стигнеш до заклучок дека таа е човечко суштество со свој живот и здравје, со недостатоци и силни страни, исто како тебе. Да, малку е досадно дека сака да и пишуваш барем еднаш на ден, за да знае дека си добро, но во исто време си возбудена да и кажеш за сè што се случува во твојот живот. Сега, кога таа не ти дише во врат за секое решение што го правиш, ти сакаш да и кажеш за претстојното интервју за работа или за некој курс во кој си се запишала. Навистина почнува да ти недостасува и конечно разбираш дека таа е еден од најважните луѓе во животот, секогаш била до тебе и секогаш ќе биде.