Малку шунка, малку кашкавал и кисело млеко- Се прават лесно и брзо, а се јадат до последна трошка, додека сè уште се топли
Доколку ви здосадиле традиционалните кифлички и баници, а ги обожавате јадењата кои вклучуваат тесто, за таа цел, за денес ви откриваме нешто поразлично!
Станува збор за лепчиња со шунка и кашкавал, кои се толку лесни, при што никој не може да им одолее и да им остане рамнодушен! Тие се приготвуваат многу лесно, притоа од состојки кои може да се најдат во сечиј ладилник, а во продолжение откријте го и рецептот за истите!
Меки лепчиња со шунка и кашкавал
Потребни состојки
- 300 гр брашно + 50 гр за месењето
- 250 гр кашкавал
- 100 гр шунка
- 240 гр кисело млеко
- 60 гр путер
- 10 гр пециво
- 1 кафена лажица сол
Начин на подготовка
Најпрво пресејте го брашното во соодветен сад, а потоа додадете т.е пресејте ја и солта и пецивото и добро измешајте ги состојките. Потоа додадете го путерот и рачно измешајте го со смесата од брашно. Изрендајте ги кашкавалот и шунката и додадете ги кон претходните состојки и добро измешајте. На крај додадете го и киселото млеко и започнете со нежно месење на тестото. Истото ќе биде малку лепливо, но без грижи.
На работната површина нанесете малку од брашното и одозгора поставете го и тестото. Врз истото повторно малку нанесете од брашното и започнете со месење, додека тестото не добие форма на топка. Истата поделете ја на два дела и секоја од половините притиснете ја да добие плосната форма со дебелина од 1 цм. Потоа поставете ги половините во сад, во кој претходно е ставена хартија за печење и со нож насечете ги половините на мали триаголници. Одозгора премачкајте ги со путер и ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 180°C. Печете додека нивната кора не ја добие потребната црвена боја.