Мистична карта од Земјата на кралевите: „Портал во вселената“ што ги збунува научниците
Мистичната Анурадапура е главен град на северно централна провинција на Шри Ланка, позната по остатоците од античката цивилизација на Ланка. Основан е во четвртиот век пред нашата ера во близина на дрвото Шри Махабоди.
Анурадапура е првата престолнина на Шри Ланка, политички и религиозен центар, кој бил заборавен неколку стотици години по основањето. Оставен на милост и немилост на џунглата останал скриен со векови, сè додека ископувањата не ги откриле палатите, манастирите и спомениците.
Светиот град Анурадапура, локално познат како Раџарата (Земја на кралевите) пред коронавирусот беше едно од најпосетуваните места во светот – но не само заради неговото фасцинантно минато, античките храмови и будизмот, туку и по своите фантастични приказни.
Во Ранмасу Ујани има мапа за која некои тврдат дека ги крие тајните на универзумот. Со дијаметар од околу 1,8 метри, sakwala chakraya (што во превод од „синхалски“ значи „вселенски циклус“) е мапа која е плитко издлабена на ниска карпа меѓу заштитените урнатини на паркот. Картата е вистинска енигма за историчарите, археолозите и научниците повеќе од еден век бидејќи не се споменува во ниту еден историски запис.
„Паркот Ранмасу Ујана се користи многу години“, објаснува Раџ Сомадева, професор по археологија на Универзитетот Келанија во Шри Ланка, додавајќи дека картата најверојатно потекнува од 7 век. Но, ова е невозможно да се потврди затоа што нејзиното постоење или функција не е споменато во историските записи што внимателно ги зачувале будистичките монаси, а иконографијата е неспоива со другите резби.
Центарот на картата се состои од седум концентрични кругови поделени со паралелни вертикални и хоризонтални линии, а правоаголните резби содржат мали вкрстени кругови. Постојат и делови што личат на чадори, лакови и стрели, бранови и цилиндрични форми. Надворешниот прстен прикажува животни: риби, желки и морски коњи. Во споредба со другите резби од истиот период, на кои се прикажани винова лоза, лебеди и лотоси и други, типични мотиви на будистичката иконографија, мапата нема религиозен контекст, што доведува до шпекулации за тоа како и зошто се нашла тука.
Невообичаената мапа била забележана од Британецот Х. Ц. П. Бел уште во 1911 година и била опишана во археолошки извештај како можеби најстарата античка мапа на светот и потенцијално космографска водилка што ги илустрира будистичките поими за универзумот преку врежани симболи. Некои теоретичари сметаат дека тоа е всушност ѕвездена порта низ која патувал просторот и дека мапата содржи таен код за отклучување на порталот.
Експертите сметаат дека сè уште нема докази за такви теории, и дека со оглед на религиозниот и историскиот контекст, би било пологично да се заклучи дека резбата е рана мапа на светот.
Според Сомадева, во Шри Ланка, античките народи имале јасна идеја за небесните објекти и универзумот. Во раните записи пронајдени таму има голем број имиња кои се однесуваат на одредени sвезди и астрономски концепти. Еден од натписите во Киринда, религиозно и историско место на јужниот брег на Шри Ланка, го содржи терминот aparimita loka datuya или бесконечен универзум, што укажува на добро разбирање за универзумот во далечното минато.