„Можам да видам што си вечерала“: Свекрвата „удри“ по невестинскиот фустан на снаата
Односот меѓу снаа и свекрва отсекогаш бил претставен со предрасуди како типична врска на непочит и меѓусебно несакање. А следните снаа и свекрва докажуваат и зошто постои тој стереотип.
Во познатата емисија што се емитува на TLC, емисијата “Кажи да на фустанот” (анг. Say yes to the dress), во епизодата што премиерно ќе биде емитувана вечер во 21 часот, вработените стилисти ќе се соочат со многу непријатна ситуација.
“Кажи да на фустанот” е емисија во која девојки и жени доаѓаат да ги избираат своите невестински фустани со помош на стилисти, доаѓаат со своја група за поддршка, како членови од семејството или пак најблиските пријатели.
Во оваа епизода станува збор за идната невеста Никола, која по професија е детективка и поранешна бодибилдерка, која дошла во салонот за венчаници да ја пронајде совршената венчаница за неа. Никола дошла во друштво на нејзината мајка Дениз, најдобрата другарка Кели, деверот Џабез и свекрвата Керолин.
На почеткот, како и сите други, идната невеста Никола со радост го опишува моментот кога нејзиниот свршеник ја запросил: “Навистина беше прекрасно. Тој имаше поставено мала романтична сцена на плажата, украсена со свеќи, ливчиња од рози и шампањ. Клекна на едно колено и останатото е историја!”
Во емисијата Никола вели дека нејзиниот буџет за венчаница е 1700 евра, но истовремено го опишува нејзиниот стил:
“Мојот секојдневен стил е практичен. Се облекувам во темни бои, баш досадно. Едноставно пресвесна сум за моето тело. Не се чувствувам воопшто женствено и нервозна сум бидејќи не сум сигурна дека ќе најдам фустан за мене”– вели Никола, која индиректно потенцира дека се бори со несигурност и ниска самодоверба.
А вистинското шоу започнало кога идната невеста излегла облечена во првата венчаница која заедно ја избрала со стилистите, да ја претстави пред својата група за поддршка.
“Без навреда, но изгледа како да позајмила нешто од нејзината мајка”– рекла нејзината свекрва Керолин и тоа додека мајката на невестата седела токму до неа. Официјално ја искажала својата прва навреда во емисијата.
А со вториот фустан, дошла паралелно и втората навреда. Никола заедно со тимот стилисти и нејзиниот девер, кој исто така е стилист, избрале прекрасна венчаница за неа и додека сите биле воодушевени, нејзината свекрва изјавила:
“Можам да видам што си вечерала”- рекла Керолин, потенцирајќи дека фустанот е претесен.
На крај, стилистите сепак го избрале фустанот во кој идната невеста се чувствувала најубаво и била преплавена со емоции, бидејќи конечно се почувствувала самоуверена во таа венчаница.
Кога го претставила невестинскиот фустан на своите најблиски, сите биле воодушевени, а за изненадување, воодушевена била и нејзината свекрва, па така потрагата по венчаница добила среќен крај.