Најголемото „кино“ на светот: Гледајте, уживајте, но не земајте ништо со вас!
Канарските острови, шпанските убавици лоцирани покрај брегот на Мароко, долго време ги примамуваа посетителите со својата прекрасна природа, национални паркови, блага клима, вулкани, ниски цени. Можеби најпознатите острови во оваа колекција се Тенерифе и Фуертевентура, а денес одиме токму таму до брегот на Фуертевентура.
На север од островот се наоѓа плажа која веднаш сите ги асоцира на најубавото кино на светот. Седиштата се бесконечен топол песок, платното е море и небо, а закуските се на дофат на раката. Добро, не можете навистина да ги грицкате, но кога ќе ги видите, ќе разберете зошто оваа плажа се нарекува „Popcorn beach“, односно Плажа на пуканките. Официјално се вика Плаја дел Баџо де ла Бура, но оваа информација е потребна само за мапите на Гугл бидејќи никој повеќе не ја нарекува така.
Песокот тука е преполн со нешто што личи на илјадници бели пуканки. Приказната за белите корали кружи веќе долго време, но тие не се корали. Овие се всушност мртви алги кои се формираат во морето и по смртта стануваат бели како варовник. Морето потоа ги поставува на брегот. Самиот феномен не е толку редок и можно е да ги најдеме низ целиот свет, но тука тие едноставно се наоѓаат во голем број.
Локалните жители тврдат дека плажата отсекогаш изгледала вака, односно од кога се сеќаваат на неа. Но, станала популарна благодарение на Инстаграм и хаштагот #popcornbeach.
Но, тоа не е сè. Плажата е опремена и со црни вулкански камчиња, па целиот визуелен впечаток е уште поневеројатен. Колку и да е предизвик, не носете ги дома. Научниците постојано предупредуваат дека ако туристите продолжат да ги крадат од плажата за 10 години нема да остане ништо. Запомнете дека и пуканките и камчињата се важен дел од локалниот екосистем.
Плажата од пуканки на крајот од целата приказна, сепак останува претежно плажа на која доаѓате, се восхитувате, фотографирате и си одите. Имено, сите овие пуканки и вулкански камчиња не се најпријатни, а Фуертевентура може да се пофали со попрактични плажи за пливање.