Необичен природен феномен: Знаете ли во кој македонски град се наоѓа Долината на кактусите?
Долината на кактусите се наоѓа во близина на напуштеното село Клисура, на околу 5 км јужно од градот Демир Капија. На јужната падина на висорамнината Краставец расте еден посебен вид на џуџест кактус, кој е многу редок. Кактусот успеал да се прилагоди на тамошните климатски услови благодарејќи на влијанието на медитеранската клима од Егејот.
Таа, според мештаните, овозможила кактусите да опстанат повеќе од 15 години и да се рашират на голем простор. Кај овие кактуси цутењето трае долго и може да се повторува во текот на годината, па така почесто може да уживате во прекрасната глетка на зелените бодликави растенија украсени од прекрасни мали жолти, бели или розови цветчиња. Интересно е што овие прекрасни билки преживуваат и во зима.
Се верува дека семето од џуџестите кактуси е донесено од птиците преселници кои се засолнуваат во блиските карпи. Селото Клисура стана познато токму поради кактусите и ретките птици грабливки кои се атракција за оние кои се љубители на алтернативен туризам.
Последниве години Долината на кактусите е често посетувана од домашни и странски туристи кои се восхитуваат невообичаената глетка. Освен тоа, тука се наоѓа и пештерата Змејовец која е една од најубавите пештери во Македонија.