„Овие банички во форма на пури, децата ги обожаваат толку многу што не чекаат ниту да се изладат“
Најверојатно досега сте прочитале мал милион на рецепт за баници. Денес ви откриваме еден многу едноставен рецепт, а резултатот ќе бидат лесни и неодоливо вкусни банички!
Нивната подготовка е толку лесна како детска игра, а токму децата се оние кои најмногу уживаат да се насладуваат на нивниот вкус.
Банички во форма на пури
Потребни состојки
- 500 гр кори за баница
- 300 гр сирење
- 4 јајца
- 200 гр кисело млеко
- 100 мл масло за јадење
- 1 пакетче пециво
- Сол по ваш вкус
Начин на подготовка
Во соодветен сад пригответе го полнењето за баничките. Најпрво, изрендајте го сирењето на ситни парчиња, а потоа во садот со истото, додадете ги јајцата, киселото млеко и пецивото. Налејте од маслото за готвење и додадете сол по ваш вкус. Добро измешајте ги состојките, до добивање на една целосна соединета смеса.
Земете една кора, преклопете ја дијагонално, при што ќе се формира триаголник и нанесете 1 супена лажица од претходно добиената смеса во најширокиот дел од триаголникот. Свиткајте ги двата краеви, така што ќе формирате плик. Следно додадете уште една супена лажица од смесата и завиткајте ја кората во форма на пура.
Повторете ги овие чекори со следните кори, сè додека не ја потрошите целата смеса. Поставете ги баничките во сад за печење, кој претходно сте го премачкале со маслото за готвење. Доколку ви останало од ренданото сирење, може да го додадете врз баничките.
Поставете ги да се печат во загреана рерна од 200°C, додека кората не ја добие потребната златна боја.