Полицијата е во потрага по човекот што си ја вози Теслата од задно седиште
Сите знаеме дека автономни автомобили постојат, но законската регулатива околу нив и потребните безбедносни мерки значат дека тие сè уште не се реалност за возачите.
Во моментов, возило на Тесла може, во голема мера, да вози само, но сепак е потребен некој на возачкото седиште што ќе ја овозможи функцијата. Ова е безбедносна мерка што му овозможува на возачот да ја првземе контролата врз автомобилот во случај на опасност. Но изгледа еден човек ја игнорирал оваа безбедносна мерка затоа што беше фотографиран како седи на задното седиште од неговата Тесла додека автомобилот автономно се движеше по улиците на Калифорнија, САД.
Нејасно е како точно човекот успеал „да го вози“ автомобилот од задното седиште.
Луѓето што биле сведоци на автомобилот без возач го фотографирале настанот и пријавиле во полиција, по што започнала истрага.
Во објава на Фејсбук, полицијата напиша:
„Полицијата е известена за инцидентот со мажот кој управувал Тесла од задното седиште по патиштата во Беј Ајис. Истрагата е во тек“.
Додека многумина ги осудуваа постапките на несовесниот возач, други беа збунети околу тоа за што може да се обвини човекот инволвиран во инцидентот. Еден интернет корисник напиша: „За што поточно ќе биде кривично гонет? За возење без дејство на човек?“
Во моментов не е јасно какви обвиненија може да се покренат против возачот на задното седиште, бидејќи не постојат специфични закони за вакво однесување. Овие прашања несомнено ги потенцираат недостатоците во регулирањето на автономните автомобили во сообраќајот.