Русија се заканува дека ќе го успори Google поради „незаконска содржина“
Руското набудувачко тело за медиуми се закани дека ќе ја намали брзината на Гугл во земјата заради „незаконска содржина“ објавена на Јутуб.
Надзорниот орган, Роскомнадзор, рече дека Гугл не ја филтрира содржината доволно и „не ја исполнува својата обврска да ги отстрани содржините“ што се однесуваат на теми што се забранети во Руската Федерација, вклучително и видеа за кои се вели дека покажуваат дрога, насилство и екстремизам.
Во обид да го реши проблемот, Роскомнадзор му даде на Гугл 24 часа да ги отстрани контроверзните видеа или да се соочи со казни од 9.000 до 44.000 евра.
Надзорното тело соопшти дека не ја исклучува можностa за успорување на услугите на компанијата доколку видеата не бидат отстранети.
Во соопштението објавено од прес-службата на Роскомнадзор се вели: „Во просек, од 20% до 30% од содржините што се забранети во Русија не се отстрануваат, вклучително и веб-страници на терористички и екстремистички организации, веб-страници со порнографски слики на малолетници, како и онлајн продавници кои продаваат лекови“.
Надзорниот орган тврди дека испратил повеќе од 26.000 известувања до Гугл во врска со отстранувањето на содржината и истакна дека Гугл е во водство кога станува збор за „нелегална содржина што директно им штети на руските корисници“.
„Гугл“ и „Роскомнадзор“ веќе се во процес на судска постапка откако технолошката компанија го тужеше надзорниот орган во врска со барањата за отстранување на 12 видеа на „Јутуб“, кои наводно содржеле содржина со која ги охрабрувале малолетниците да се приклучат на протестите што се одржаа за поддршка на затворениот критичар на Кремн, Алексеј Навални.
Рочиште за тој случај е закажано за 14 Јули.