Со вежбање кон подобро помнење – луѓето кои се физички активни поретко заболуваат од Алцхајмерова болест
Редовното вежбање во поодмината возраст го одржува умот млад. Сѐ повеќе се доказите дека луѓето во подобра телесна форма имаат поразвиени мозоци и подобро помнење. Физичката активност дури може да поттикне развој на нови клетки, со што се спречува заболувњето на Алцхајмерова болест. Експерти од Британија велат дека тоа што е добро за срцето е добро и за главата – и дека дури и брзото одење е полезно за организмот.
Во најновата студија, објавена во научното списание „Неуроимиџ“, се докажува дека редовното вежбање е добро не само за телото, туку и за мозокот. Во студијата спроведена од Универзитетот на Кентаки, биле опфатени 30 мажи и жени во нивните 50-ти и 60-ти години и им биле извршени тестови на срцето и белите дробови додека трчале на лента за трчање, по што биле подложени на снимање на мозокот. Резултатите покажале дека бил зголемен крвотокот на мозокот, а со тоа и дека снабдувањето со кислород и витални хранливи материи било повисоко кај физички поактивните луѓе.
Во друго истражување спроведено од Националниот институт за здравство во Мериленд, САД, била направена споредба помеѓу мозоците на глувци кои во кафезите имале тркало за трчање и глувци кои во своите кафези немале никакво средство за рекреација. Со прооучување на меморискиот дел во хипокампусот, еден од првите делови на мозокот кои ги уништува Алцхајмеровата болест, било утврдено дека глувците со тркало во кафезот имаат трипати повеќе нови мозочни клетки.
Во истражување спроведено од страна на Универзитетот на Питсбург, САД, било утврдено дека одењето на една обична прошетка три пати во неделата го зголемува хипокампусот и други клучни мозочни региони за 2 отсто. Иако ова на прв поглед не се чини многу, тоа е еднакво на ефектот врз мозокот кој го имаат две години стареење. Проф. Линда Клер од Ексетерскиот универзитет, Велика Британија, вели дека одењето, трчањето и возењето велосипед на мозокот му го дава сиот потребен поттик подолго време да остане здрав. Општо земено, сите експерти од ова поле се согласуваат дека вашиот стил на живеење има директно влијание не само врз состојбата на вашето тело, туку и врз вашата ментална состојба.