Труењето со кофеин навистина постои и може да биде смртоносно
Екстра дозата на енергија којашто кофеинот во кафето ја овозможува е стимулирање и утринска неопходност за многу кафепијачи. Подоцна во текот на денот, многу луѓе внесуваат уште повеќе кофеин со пиењето на пијалоци како Кока Кола или Ред Бул, за да се справат со попладневниот нагон за дремка.
Според клиниката Мајо, 400 милиграми кофеин дневно е максималната безбедна доза за повеќето возрасни. Тоа е околу четири кафиња или десет лименки Кока Кола. Поголемото количество од ова може да доведе до кофеинско труење коешто е опасно, а во некои случаи дури и смртоносно.
Напнатост
Ова веројатно ви се случило некогаш. Сте се препиле кафе и наеднаш се чувствувате целосно растревожени и напнати и не можете да се смирите. Ова се должи на фактот дека кофеинот стимулира хормони како адреналин, ставајќи го вашето тело во раздразнета состојба.На истиот тој начин, кофеинот може да повлијае и на централниот нервен систем, предизвикувајќи грчење на мускулите и создавајќи телесно чувство на немир. Кофеинот е и една од најчестите причини за појавата на неконтролирано треперење на окото.
Главоболка
Со оглед на тоа дека кофеинот е моќен стимуланс, тој може да ги преоптовари мозочните рецептори, што често пати резултира со главоболка.
Расеани мисли и говор
Кога конзумирате кофеин, вашите мисли и говор се забрзуваат. Додека од една страна ова може да биде полезно кога ви треба да се фокусирате, преголемото количество на кофеин може да има спротивен ефект, правејќи ве расеани и збунети.
Вознемиреност
Покачувањето на нивото на адреналин и забрзаното срцебиење можат да предизвикаат силно чувство на вознемиреност кај многу луѓе.
Зависност
Кофеинот го крева расположението и многу луѓе копнеат по таков стимуланс. Тој копнеж се претвора во телесна зависност. Кога копнежот не е задоволен, телото претрпува шок и апстиненцијата може да предизвика депресија, летаргија и главоболки.
Психоза
Некои луѓе кои навистина претеруваат со внесувањето кофеин можат да станат отсутни, нервозни и раздразливи. Во крајни случаи овие ефекти се споредливи со симптомите на психоза.
Халуцинации
Поради високото ниво на адреналин, телото е под стрес и како последица на дополнителниот притисок можат да се јават и халуцинации.
Кома
Во крајни случаи труењето со кофеин може да доведе до удар и кома.
Срцев удар
Конзумирањето на големо количество кофеин може значително да ја забрза работата на срцето и да доведе до срцев удар.
Смрт
Навистина се случува луѓе да умрат од предозирање со кофеин. Во 2014 година, еден средношколец од Охајо, САД, конзумирал толкаво големо количество на кофеин во прав, што умрел од срцева аритмија.