Пеглање, шиење и готвење се основните задачи кои повеќето ги учат дома. Но, сосема различно е истите тие задачи да бидат во форма на училишен час, особено час наменет за момчиња, како што е во ова шпанско училипште.

Минатата година, училиштето Монтекастело во шпанскиот град Виго, објави дека ќе воведе часови по домашен буџет и домаќинските задачи. За време на овие часови, учениците и тоа само момчињата, ќе учат како се пеглаат алишта, како се готви ручек, како се шие, а истовремено ќе имаат часови од областа на столаријата, ѕидарството, електриката, како и водоводството.

Часовите ќе бидат доброволно одржани од страна на професори и асистени, но во предавањето ќе се вклучат и татковците на момчињата.

На овој начин, училиштето сака да ја сруши стигмата и стереотипите кои ја поттикнуваат родовата нееднаквост и да изгради еднакви вредности и за двете страни, преку овие активности, при што слоганот на проектот гласи: „Еднаквоста се учи преку дела!“

Габриел Браво, координаторот на проектот вели:

„Корисно е нашите ученици да ги знаат овие вештини, така што, кога ќе оформат семејство, да се вклучат од самиот почеток и секогаш да бидат свесни дека домот е обврска на двајца.“

Идејата се родила кога училиштето барало начин како да интересен и креативен начин да ја промовираат родовата еднаквост меѓу учениците. Предлогот бил одлично прифатен од родителите, иако на почетокот, за учениците било малку непријатно извршувањето на овие активности.