Постои една изрека, која вели „животот започнува на 40 години“. Сепак, како што влегувате во четвртата деценија од животот, вашиот организам полека дава знаци за вашата грижа кон него.

Дури и целиот ваш живот да сте имале јасен вид, да не сте носеле очила или контактни леќи, по 40-тата година може да забележите дека ви е потребен поголем напор за да ги забележите буквите во весникот, бројките од мобилната тастатура и сл. Не се сите очни болести сериозно заканувачки за вашиот вид, но се доволно сериозни за да ви направат дискомфор и нервози во секојдневието. Еве што може да очекувате од вашите очи по 40-тите години и што може да направите за да го зачувате јасниот вид во многуте години што следуваат.

НАМАЛЕН ВИД ПРИ ЧИТАЊЕ (ПРЕСБИОПИЈА)

Што го причинува: По 40-тата година се намалува акомодацијата, односно флексибилноста на леќата во окото, па токму затоа може да имате потреба од повеќе светлина додека читате или да го оддалечите мобилниот телефон од вас за да прочитате порака.

Што може да помогне: Единственото решение во овој случај е да направите детален преглед со ширење на зениците кај вашиот офталмолог. Во зависност од дијагнозата, може да ви бидат потребни само очила за вид или контактни леќи. Ако не може да се замислите со очила за вид или, пак, не ви е комфорна ни помислата за контактни леќи, може да се направи операција со помош на која природната леќа ќе се замени со вештачка доживотна леќа со која ќе може лесно да читате, да возите, да работите на компјутер.
Предноста на оваа интервенција е што нема појава на катаракта и повторни оперативни зафати на очите.

ГЛАУКОМ

Што го причинува: Зголемувањето на очниот притисок може да го оштети очниот нерв. Тоа е најчесто заболување на оваа возраст и број еден причина за слепило во светот. Пациентот ништо не чувствува, а нервот страда поради очниот притисок и добива тубарен централен вид. Ако не се третира навреме, доведува до слепило.
Што може да помогне: Детален преглед секоја година кај вашиот офталмолог и проверка на очниот притисок, очниот нерв и проверка на широка зеница. За жал, глаукомот се третира доживотно.

КАТАРАКТА

Што ја причинува: Природната леќа во окото, во основата, е сочинета од вода и протеин. Како што старееме, тие протеини може да се соединат, при што настанува катаракта. Катарактата (перде) предизвикува заматување на леќата, а со тоа и двојно гледање, заматен вид, отсјај околу светли предмети, потешко или бледо распознавање на боите, слаба ориентација во просторот.

Што може да помогне: Катарактата се третира само со фако-метода при која се врши вградување монофокални или мултифокални леќи што се доживотни. Предноста на мултифокалните леќи е во тоа што нема да носите очила за близина, бидејќи со нив добивате јасен вид за сите растојанија, па и за компјутер.

МАКУЛАРНА ДЕГЕНЕРАЦИЈА

Што ја причинува: Макулата се наоѓа одзади, во центарот на ретината и е создадена од милион фоторецептори што го овозможуваат јасниот централен вид. Поради атрофирање на дел од ретиналните слоеви, ретината почнува да се двои и постепено се губи централниот вид.

Што може да помогне: Потребно е да се прават редовни офталмолошки прегледи со ширење на зеницата, бидејќи оваа состојба најчесто се открива случајно. Вaо принцип, третманот е со инјекции анти-ВЕГФ, а се препорачува и медитерански вид на исхрана.