Зошто таблетите се многу поголема опасност за нашите деца отколку што си мислиме?
Кога малото девојче посочи кон слатките крај касата, нејзината мајка ѝ кажа: „Не, тие не чинат за твоите заби.“Тогаш нејзината ќерка, која не беше постара од две години, го стори тоа што сите деца го прават во такви ситуации – почна гласно да плаче. Тоа што потоа се случи ме запрепасти. Нејзината посрамена мајка го најде нејзиниот Ајпад во нејзината ташна и го заби во рацете на нејзината ќерка. Мирот веднаш беше повторно воспоставен.
Овој инцидент, кој се случи пред три години, беше првиот пат кога видов таблет да се користи за смирување на деца. Со сигурност не беше последниот. Оттогаш видов мали дечиња коишто сѐ уште не се сигурни во одењето, но затоа лизгаат со прстите по ајпадот како експерти – а да не зборуваме за безбројните тинејџери, кои со нивниот смартфон во рака се изгубени за светот додека ги типкаат нивните текстови.
Минаа десет години по излегувањето на мојата книга „Отровно детство“, којашто предупредува за опасностите од минуваето премногу време пред екраните и за тоа како тоа се одразува врз телесното и менталното здравје на младите. Моите стравувања се остварија. Иако јас бев една од првите кои предвидоа колку подмолно технологијата ќе навлезе во животите на младите, дури и јас бев вџашена од тоа како дури и најмалечките станаа робови на екраните – и до која мера постарите се дефинираат преку нивните виртуелни, онлајн личности.
И навистина, кога мојата книга излезе од печат, Фејсбук само што се беше појавил, а ние бевме повеќе загрижени за насилните игри и за тоа што нашите деца гледаат премногу телевизија. Сега тоа се чини како далечна историја, зар не?
Денес децата во просек минуваат пет до шест часа дневно зјапајќи во екраните. Згора на тоа, тие често се на два или повеќе екрани одеднаш – на пример, гледаат телевизија додека си играат со нивниот ајпад. Бидејќи технологијата толку брзо напредува и децата толку бргу ја прифаќаат, на родителите им е тешко да го контролираат тоа. А кога станува збор за тоа детството да се мине пред екран, овие генерации се како лабораториски стаорци. Долгорочните последици не се утврдени.
Дури и пред појавата на ајпадот на пазарот во 2010 година, експертите предупредуваа дека осумдесет отсто од децата на училиште доаѓаат со лоша телесна координација, како последица на седентарниот стил на живот. Заедно со другите колеги на полето на детскиот развој, видов пораст во препишувањата на Риталин, лекарство за недостиг на внимание и хиперактивност – и тоа четирикратно зголемување во рамките на една деценија.
И собравме огромен број податоци кои ја покажуваат врската помеѓу претераното време пред екран и прекумерната тежина, нарушуваето на сонот, агресивноста, слабите социјални вештини, депресијата и слабиот успех на училиште. Не е некое чудо, тогаш, што процутот на ајпадите и паметните телефони се совпадна со дополнителното влошување на телесното и умственото здравје на децата од сите возрасти.
За жал, сведоци сме на појавата на „техно-генерација“ за кои ајпадот станува еквивалент на ќебенцето за тешење. Неодамнешно истражување откри дека десет отсто од децата под четиригодишна возраст заспиваат со таблет компјутери. Во друго истражување се покажа дека во семејствата коишто поседуваат вакви уреди, во просек секое трето дете поседува свој сопствен таблет. Продавниците за бебешки производи дури продаваат и специјални седишта на кои може да се прицврсти таблет кој ќе го занимава детето.
Малкумина знаат дека покојниот шеф на Ејпл, Стив Џобс, на своите деца не им дозволуваше да имаат ајпад. Би сакала ова да беше објавено јавно, за и другите родители да можеа да го следат неговиот пример. Бидејќи, колку порано децата ќе се навлечат на екранот, толку потешко е да се одвикнат од него. Ова не е единствената причина за грижа. Не е само тоа што децата се навлекуваат на екраните што се одразува врз нивниот севкупен развој, туку и тоа што екранот го заменува: сите активности коишто не ги прават во реалниот свет.
Денешните деца имаат далеку помалку можности за тоа што јас го нарекувам „вистинска игра“. Тие повеќе не учат од искуства од прва рака како да бидат луѓе и многу поретко се играат или дружат надвор со други деца. Еден од најдепресивните примери за детство целосно проведено пред екран е примерот на едно десетгодишно дете од Лондон. Дебелкото, бледо момченце ми кажа: „Си седам во својата соба и гледам ТВ и играм на компјутерот…а ако огладнам, ѝ пишувам текст-порака на мајка ми, и таа ми донесува пица.“
Драстичната промена во играта на децата се случи за помалку од неколку децении. Додека на многу родители не им е пријатно за толкавото време минато пред екран, тие не го решиле тој проблем, бидејќи биле премногу зафатени со справувањето со промените во нивните сопствени животи.
Но, како и да е, тоа се случува на децата насекаде, па сигурно не би требало да биде толку лошо, зар не? Но, вистинската игра е биолошка неопходност и потреба. Еден психолог ми кажа дека е „исто толку витална за здравствениот развој колку и храната или сонот.“ Ако невралните врски кои ги контролираат социјалните и имагинативните реакции не се развијат во раното детство, многу е тешко тие подоцна да заживеат. Цела една генерација може да израсне без менталната способност самите да си создаваат своја забава, да си смислуваат свои игри и да уживаат во вистински пријателства – сето тоа поради бескрајното време минато пред екран. Излегувањето надвор, трчањето, качувањето, правењето јазбини и така натаму – тоа е тоа што на малите деца им овозможува да се здобијат со физички вештини. Играњето на преправање е креативен процес кој изискува многу лично внесување во играта.
Вистинската игра развива иницијатива, вештини за решавање на проблеми и многу други позитивни особини, како развивањето став на способност, упорноста и емотивната флексибилност. Таа е од витално значење за нивните социјални вештини. Кога си играат заедно, младите учат како да се согласуваат со другите луѓе. Тие откриваат како работат нивните умови, развиваат емпатија. И, додека вистинската игра е поттикната од нивната вродена желба да разберат како функционира светот, таа исто така ги снабдува со основа за понатамошното академско учење. Вистинската игра е начин на еволуцијата да им помогне на децата сами да си го развијат својот ум – љубопитен, кој решава проблеми, приспособлив, човечки ум.
Американската академија на педијатри препорачува нула време пред екран за децата под двегодишна возраст и најмногу два часа дневно за децата по таа возраст. Ова не се должи само на докажаната врска помеѓу времето пред екран и нарушувањата на вниманието, туку и затоа што тоа ги отстранува другите активности суштествени за градењето на здрави тела и мозоци. Бебињата се раѓаат со силна желба да учат за нивниот свет, па така тие во голема мера се мотивирани взаемно да дејствуваат со луѓето и предметите околу нив – почетокот на вистинската игра. Тоа е причината зошто обожуваат кога играме будалести игри со нив како „ѕе“ или кога ќе успеат да зграпчат некој куќен предмет. Тоа им помага да развијат телесна координација и социјални вештини.
Но, кога малечките добиваат инстант награда од високотехнолошките уреди, веќе не мора ни да се мачат со вистинската игра. Сликите на екранот можат да бидат исто толку фасцинантни колку и тие од вистинскиот свет, а дури и ммногу мало дете може да научи да ги контролира сликите со несмасно замавнување на нивните прстиња. Секогаш кога бебињата или малите деца ќе направат нешто да се случи на екранот, тие го добиваат истото задоволство како од гушкање или плискање во кадата. Кога ќе добијат инстант награда со едно замавнување на екранот, тогаш зошто да се мачат со игри кои од нив бараат телесен, друштвен и спознателен напор? Невропсихологот Сузан Гринфилд вели: „Не можеме да ги паркираме нашите деца пред екраните и да очекуваме да развијат силна способност за внимавање.“ Таа исто така се грижи за ефектите на технологијата врз писменоста. „Учењето да читаат им помага на децата да научат да ги ставаат идеите во логичен редослед“, вели таа. „Од друга страна, зјапањето во екранот ги става нивните мозоци во состојба на пасивно занимавање.“
Д-р Арик Сигман, кој собрал голема база на податоци од истражувања кои го поврзуваат времето пред екран на децата со нарушување на вниманието и хиперактивност, аутизмот и емоционални, како и нарушувања на однесувањето, исто така посочува на конфликтот помеѓу активноста на екран и читањето.
„За разлика од екранските слики, зборовите не се движат, не прават звуци, не пеат ниту танцуваат. На крај, екранските слики печатениот збор го прават едноставно здодевен во фаза од пресудно значење,кога детскиот ум е во развој“, вели тој.
Уште еден проблем со прекумерното време минато пред екран е тоа што тоа не развива упорност. Вистинската игра на децата им дава возможност да научат како самите да се справуваат со предизвиците. Да научат како да учат од нивните грешки, самите да станат кога ќе се сопнат и да ги решаваат кавгите со нивните другарчиња, сето тоа помага во развивањето на самодовербата и ги прави децата поеластични на емотивен план. Ова е витално за нивното ментално здравје, особено во нашиот свет кој создава висок притисок. Затоа воопшто не се изненадив кога изданието на „Чајдлајн“ овој месец ја предупреди Британија дека произведува длабоко несреќни млади луѓе – тажни, осамени, со ниска самодоверба и растечка наклоност кон самоповредување. Добротворната организација наслика мрачен портрет на емоционалната состојба на нашите деца, за нивната несреќа обвинувајќи ги социјалните мрежи и сајбер-малтретирањето.
Разбирливо е тоа што родителите не можат да го контролираат користењето на социјалните медиуми од страна на нивните деца. На крајот на краиштата, тоа се рашири како вирус. Во 2012 година, само шест години по појавата на Фејсбук, тоа беше најомилена веб страна на десетгодишните девојчиња. Таа година интервјуирав три петнаесетгодишни девојчиња во Јоркшир кои беа на Фејсбук од нивната десетгодишна возраст. Тие кажаа дека не уживаат толку многу во него како „кога бевме мали“, бидејќи „самите да си правиме ПР кампањи“ – како што духовито ја опишаа постојаната потреба нивните животи да ги прават да звучат гламурозно и возбудливо – станало истоштувачко и тие често се чувствувале лошо кога се чинело дека другите многу повеќе се забавуваат.
Но, тие не можеле да се откажат од социјалниот медиум бидејќи тоа би ги довело во еден вид социјална изолација. „Има многу сајбер-малтретирање“, кажа едната. „Затоа морате да се обидете да бидете како и сите други.“
Но, не можеме да продолжиме да ги оставаме нашите деца „да бидат исти како и сите други“ кога тоа им нанесува штета! Ако сакаме следната генерација да израсне бистра, урамнотежена и доволно здрава за мудро да ја користи технологијата, родителите треба да дејствуваат. А тоа значи ограничување на времето пред екран, минување повеќе време со семејството и да се осигураат децата да излегуваат надвор да си играат. Некои велат дека децата мораат да ја користат технологијата бидејќи натаму се движи светот. Но нема потреба на малите деца да им се даваат високотехнолошки уреди. Современата технологија се развива со феноменална брзина – секоја „Ај Ти“ вештина којашто децата ќе ја научат до седумгодишна возраст ќе биде далеку надмината и непотребна додека да стасаат до нивните тинејџерски години. Но, самодовербата, емотивната флексибилност, креативното размислување, социјалните вештини и капацитетот за сосредоточена мисла ќе им останат и ќе им послужат за сето тоа што ќе им го донесе иднината.